Даме Груев бб,
1440 Неготино

Напишано од Админ
Категорија:

Крвава планина

 Во 2013 годнина, за прв пат во историјата на Националната установа центар за култура „Ацо Ѓорчев“ Неготино се испечати прозното дело на авторот Горан Димов.

Белешка за авторот

Горан Димов е роден 1971 година во Неготино, каде што работи и живее. Од 1992 година работи во НУ Центар за култура „Ацо Ѓорчев“ - Неготино, како организатор на програма.

„Крвава планина“ ја создава во 2007 година, истата ја посветува на неговиот млад пријател, Оливер Тодоровски, чиј живот трагично згаснал во сообраќајна несреќа.

 СОНОТ И СТРАВОТ – СТОЖЕРНИ МОТИВИ ВО „КРВАВА ПЛАНИНА“

 

       

          Аналогно на романтизмот, и во модернизмот се користи мини – нарацијата. Ако романтичарите тврдеа дека е можно „да се види цел даб преку еден желад“, тогаш и категоријата мини – раскажување по пат на наследство е модернистичка. Ваква макета на раскажување е вградена и во дебитантската книга, титлувана како „Крвава планина“, излеана од перото на прозаистот, Горан Димов. Макетата на нарација му овозможува на читателот херменевтички пристап кон текстот. Добро, херменевтичкото толкување ќе им го оставиме на книжевниците и теоретичарите на литература, а останатата читателска публика како реципиент на уметничкиот текст ќе биде неминовно импресионирана од моќта и прекогнитивноста на сонот, таинственоста на приказната и читањето на текстот во еден здив. По пример на романтичарските дела, и во романите од книжевната Модерна, како поттекст или „текст во текст“ се употребуваат прекогнициите и соништата. Романот „Крвава планина“ што е предмет на нашата интерпретација е базиран на мотивот на сонот. Тео, јунакот во романот, сонува сон. Првиот сон од низата соништа како матрица на нарацијата е сместен уште на стартот од романот, претставувајќи густа парафраза на целата романескна нарација. Уште тука се воочува резимираната макета на приказната! Во првиот сон крвта и калта поистоветени со река се носители на машкиот принцип на водата, симболизирајќи деструкција. Како што крвта и калта се мешаат, така се измешани и сонот и јавето, и тоа - и во мислите на главниот лик, и во импресивните доживувања на читателот. Заедничката нишка меѓу двете состојби (сон и јаве) е телесната болка на Тео, а оттука се провоцирани и неговите ментални доживувања. Воведот во приказната започнува реалистично (со исклучок на првиот сон што е дел од фантастиката) што е засведочено со топонимите и хипертекстуалните: Sonic Solution Softver, Only you и сл. Реалистичниот код се прекршува во фантастичен, па повторно во реалистичен, па повторно во фантастичен... И конечно, на крај чудесното го одведува Тео во светлината меѓу ангелите. Напуштањето на домот од страна на семејството на Тео; патувањето со автомобил низ змиулестиот пат (а змијата како симбол често има негативна конотација!) кон викендицата во планината (да, засега мистичната Крвава планина); дидактички лошите места на пиење алкохол и брзо возење се предуслови за да се случи тешка сообраќајна несреќа во која, за жал, освен верниот Лаки, нема преживеани. Сѐ до пристигнувањето на Полицијата и Брзата помош, Тео доживува психичко измачување, не можејќи да дефинира дали станува збор за сон или јаве. Се вметнуваат приказни, односно соништа во сонот. „Сонот беше толку реален. Се сеќаваше на секој детаљ во него“ – раскажува нараторот. Вештината на нараторските интервенции го збунува читателот. Збунет е и Тео. И не само мотивот на сонот зазема стожерно место, ами и мотивот на стравот што е медиум меѓу убавите и неубавите доживувања во романот. Вљубениот во Сара, Тео, имајќи само една желба, со зборови гледајќи ја в очи да признае дека ја љуби, во своите сништа, дури и во најубавите мигови на фасцинантни локации, е опседнат со страв. И планината што наликува на мечка е блага алузија на стравот. И трњето што е антиципација на крвавата борба со волкот, предизвикува страв и кај Сара. Херменевтичкото читање на симболите овозможува да се протолкува и симболот на црната марама со која Тео ги врзува очите на Сара со цел да ја изненади. Црнината на марамата ја антиципира спомената крвава борба.  Сонот, коректор на првиот сон, во кој Тео остварува средба со Сара, добива поинаква локација со цел да се коригира крвавоизмачувачката слика. Иако промената на локацијата е по иницијатива на Тео, сепак, Сара е иницијатор за пловење по езерото и дружење со пороци. Крајот на епизодата е апокалиптичен. Сара мистично исчезнува во длабочините. Да, езерото е симбол на езотеричност! Мистиката овде кулминира со деструкција на телото на Сара. Нараторските досетки се откриваат и овде! Макетата на романот дадена во почетните редови од текстот (или во првиот сон) добива своевидна реализација и во сонот – коректор, каде крвавиот облак во езерото е аналогија на реката од кал и крв.            И конечно, фантастичниот код е прекршен. Сите се на местото на настанот. Реалноста е згрозена од огромна загуба, но и збогатена со една остварена желба. Тео во своите последни мигови признава дека неизмерно ја љуби Сара. И не е сѐ толку крваво како судбината и планината. Загадочноста на сништата е решена. Романот расплетен. Симболите протолкувани. Постигнат е, условно речено, сјаен крај. За крај го чувавме ликот – помошник, чувар на Тео, кој во секоја епизода од романот во вид на привидение предупредуваше. Но како можеше Тео да го сфати неговото присуство во агонијата? Стравот беше доминантен, па дури и храброста преплашена за вербално соочување со привидението... Крајот е чудесен: Тео станува од носилката, ликот – помошник добива ангелски крилја. Тео се соочува со болната вистина за да може спокојно да отпатува кон светлината меѓу белокрилестите.  Загубата на драга личност во реалноста е основен мотив за пишана реализација на „Крвава планина“. Вербата во задгробен живот, поистоветена со волшебноста, вештиот раскажувач ја вметнал во своите редови за да ублажи болката. Фантастичноста му овозможила на нараторот да нурне во нејзиниот свет, создавајќи прозно дело на модерната фантастика. Дејствието на вака конципираниот роман во голем дел се реализира преку дијалози, вешто водени од нараторската палка. За уметничката вредност на првенчето „Крвава планина“ сведочат и  нараторските интервенции, модернистичките елементи и концизниот исказ. Резимето од впечатокот на првата прозна творба на Горан Димов е синоним за возбудливо романескно дејство, што со непредвидливоста уште на почетокот го мами читателот ни в миг да не ја оттргне книгата од рака, ами навлегувајќи во фикцијата, уште долго да се сеќава на епизодите меѓу сонот и јавето, доброто и злото, убавото и неубавото - и, конечно, да извлече дидактичка поента од крвавите случувања! Целта на нашата рецензија ја крунисуваме со заклучокот дека дебитантското дело „Крвава планина“ на Горан Димов претставува успешен почеток на негов  заплов во романескните води, прва алка од ѓерданот романи што во иднина ќе бидат нанижани од раката на талентираниот автор. И уште нешто! Димов не го пишуваше романот во еден ден, та да му блесне ретка желба утредента во миг да го публикува. По урнек на врвните писатели од светската литература, неговото дело претрпуваше и промени. Најголемите класичари во светот ги коригираа своите романи по стотици пати. Не може зрел и начитан автор денес наутро да напише, веќе напладне да објави. Треба да му дозволи на делото да созрее. Во спротивно, ќе си ги насее емоциите на хартија со пенкало, перо или тастатура, ќе ги пополни страниците, а уметничката вредност на творбата ќе биде во најзаден план, дури невидлива. Способноста за нарација, дадена од Бога, кај прозаистите и во конвенционалниот говор не спие. Будна е, активна. Кога ќе се пресели нарацијата на белината од хартијата, вреди да се чита и препрочита, расчитува и препрочитува, а следствено и да се коригира (не суштината, ниту мислата, ами ситните сегменти што ја помагаат литерарноста!). И Горан ја напиша „Крвава планина“ пред 5 години. И за цело тоа време работеше на тие споменати ситни корекции. Со тоа му дозволи и овозможи на романот, вистински, да созрее. Ние рецензентите имаме уште многу работа околу ваквите дела. Нам ни се водилки херменевтиката, метафориката, Аристотеловите „закони“ и дефинициите на неговите наследници. Вие, читателите, доживејте ја приказната на Тео, внесувајќи се низ совршениот преплет од реалистични, фантастични и чудесни моменти. Горан е наратор, сличен на Петре М. Андреевски. Куса му е мислата, а богата и длабока. Вам, драги реципиенти, ви е потребен таков исказ за прочитување на романов за само едно попладне. Но и вашата задача не е едноставна. Вие треба да го докреирате романот според вашата лична способност за создавање романи. Не, не треба да имате напишано или објавено роман за да одговорите на оваа задача. Водете се само според вашата животна филозофија, точка на гледање, перцепција за постоењето... Вие треба, не да напишете, ами само в глава да си го создадете понатамошниот тек од патот на Тео и неговата Сара. Од вас зависи дали Сара засекогаш исчезна во езерските води и каде отпатува душата на Тео... Срдечно ја препорачувам Теовата приказна низ сонот и стравот. Крвавата планина нека не ве асоцира само на крв и недостижен врв. Нека биде поттик, водени од умешниот наратор, да пропатувате низ сонот на Тео, да се потсетите на мотивот - искрена љубов и да си потврдите дека и вам некој ве чува - ангел, Бог или друг сопатник, сѐ според ваша верба. Ова е Гораново првенче. Нека не го остави единче на таткото-автор. Нека му даде и други роднини. Братски и сестрински сродни прозни книги. Му посакувам успех, затоа што неговата професија, секојдневно поврзана со литературата, уметноста и културата, иницира нови приказни во неговото битисување. Тие чекаат свое обелоденување. Нараторот треба да ја исполни задачата да ги пренесе пораките, за читателите во континуитет да се сладат од неговиот прозен исказ.

Рецензент: Милена Ристова-Михајловска

 

 

Напишано од Админ
Категорија:

Меѓународен Фестивал „Манастирски фолкорни средби“ 

 

        Манастирот ,,Св.Ѓорѓи“ со својот изглед и местоположба овозможува во него да се организираат  разни културни средби и манифестации. Од 2010 година со поддршка на Министерството за култур за првпат го организиравме Меѓународниот Фестивал „Манастирски фолклорни средби“ од тогаш па се до денес секоја година на овој Фестивал ни гостуваат културно уметнички друштва и фолклорни ансамбли од многу земји како што се Србија , Хрватска , Бугарија , Грција, Турција, Литванија, Полска, Бугарија, Италија и се разбира од Македонија. Центарот за култура ,,Ацо Ѓорчев“  со долгодишното организирање на овој фестивал успеа да овој фестивал стане традиционален и истиот стана  препознатлив во нашиот регион и пошироко.  Целта на организирање на овој проект е афирмација на нашето фолклорно  богатство, зачувување на фолклорните традиции  и афирмација на нашиот град Неготино со  Манастирот „Св.Ѓорѓи“ и запознавање на  убавините кој ги нуди овој прекрасен  објект  trusted tablets и овозможува  развој не само на културата туку и на  транзитниот и винскиот туризам во овој регион.