Даме Груев бб,
1440 Неготино

Напишано од Админ
Категорија:

Киното во Неготино

     Киното во град Неготино работи многу одамна уште пред да се изгради сегашната зграда со кино сала. Првите проекции на филмско платно се прикажале во кафаната Хунап, за тоа време тоа било едно големо достигнување за луѓето кои го започнале тоа. Со изградбата на зградата на сегашниот Центар за култура во 1948 година започнало да се развива оваа култура во нашиот град. Киното било место за собирање на луѓе од сите генерации место за дружење,  место каде што се запознавале луѓето со различните култури обичаи и настани, место каде што за прв пат се вљубувале младите, понекогаш исполнети со тага, љубов и смеа зависно од тоа каков филм се прикажувал. Денес во киното на Центарот за култура сé уште опстојува оваа дејност, иако првиот удар на киното му зададе изнајмувањето  на VHS видео ленти од видео клубовите во 80те, а сега пак интернетот каде што се достапни пиратските филмови. Сепак вистинското доживување на филмот  е токму во кино салата. Центарот за култура сé уште ги поседува старите кино проектори кои се од далечната 1956 година но поседува и дигитален проектор кој го добивме од страна на Министерството за култура истиот работи со блуреј диск филмови. Моментално во светот повеќе не се користи филмската лента како медиј преку кој се пренесува сликата на филмското платно туку сите филмски компании работат на дигитална опрема, а филмот е на хард дискови кои преку дистрибутерите се доставуваат во кино салите. Истите  се поврзани за компутерски сервери и добиваат клуч со кој се отклучува филмот директно од дистрибутерот, а по истекот на временскиот период кој е договорен со дистрибутерот, клучот се затвара и филмот повеќе  не може да се прикажува. Ова технологија е многу скапа и моментално во Македонија ја поседуваат само неколку Центри за култура, а тоа се Центрите во Битола, Прилеп и Домот во Кавадарци (кој е приватна инвестиција) како и во кино салите на Синеплекс во Скопје. Кај нас постои огромна желба да ја донесеме оваа опрема преку Министерството за култура на Република Македонија, но се што можеме да направиме е да чекаме еден ден да се створат услови за тоа.